O.T.O. Најчесто поставувани прашања

INITIUM SAPIENTIÆ AMOR DOMINI

ORDO TEMPLI ORIENTIS

FRATERNITAS LUCIS HERMETICÆ

Некои често поставувани прашања

Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон

Ве молиме забележете дека овие прашања расправаат многу кратко за некои екстремно комплексни теми и како такви пропуштаат многу интересни детали. Силно ги охрабруваме заинтересираните за О.Т.О. и Телемата да направат подетално истражување за да стекнат поцелосно разбирање за овие прашања.

Колку стара организација е О.Т.О.?

По традиција О.Т.О. влече свои спиритуални корени од основањето на Редот на Витези Темплари во 1108. Поисториски негови најблиски претходници (според Алистер Кроули) се Розенкројцерски Редови од 18 век. Иницијалните конференции кои, всушност, доведоа до формирање на О.Т.О. како модерна организација беа одржани во 1895 во Европа. Овие конференции доведоа до издавање на журналот The Oriflamme, што подоцна ќе стане официјален журнал на О.Т.О. во 1902. Конституциите на О.Т.О. беа отпечатени во 1906, а неговиот Manifesto беше првпат издаден во САД во 1919.

Каква е поврзаноста на Алистер Кроули со О.Т.О.?

Алистер Кроули беше примен во О.Т.О. во 1910 година. Тој беше назначен како национален Голем Мајстор Xo за Британија и Ирска во 1912, а го презеде светското водство како O.H.O. (Outer Head of the Order = Надворешен Водач на Редот) во 1922. Тој комплетно ги ревидира ритуалите и структурата на Редот приспособувајќи ги на Законот на Телема.

Која е разликата меѓу О.Т.О. и М.’.М.’.М.’.?

М.’.М.’.М.’. (Mysteria Mystica Maxima) на почеток беше воспоставена како Британска секција на О.Т.О., чиј Национален Голем Мајстор беше Кроули. Денес М.’.М.’.М.’. претставува аспект на О.Т.О. во кој се предаваат иницијаторските степени од 0o (Минервал) до VIIo.

Како е Гностичка Католичка Црква поврзана со О.Т.О.?

Ecclesia Gnostica Catholica (EGC) или Гностичка Католичка Црква беше инкорпорирана во структурата на О.Т.О. во 1908. Кроули ја напиша Гностичката Миса (Liber XV) за EGC и О.Т.О. во 1913. EGC формално го прифати Законот на Телема во 1920. Денес E.G.C. претставува аспект на О.Т.О. кој ја изведува Гностичката Миса и придружните еклезијалистички ритуали.

Дали О.Т.О. е “Тајно Друштво”?

О.Т.О. е Калифорниска непрофитна, религиозна корпорација ослободена од даноци. Одредени детали од иницијациските ритуали и иницијаторни документи ги држи во тајност и смета дека идентитетот на своите членови е приватна и доверлива работа. Политика на О.Т.О. е да се почитуваат сите применливи закони во јурисдикцијата во која дејствува.

Дали треба да бидам член на О.Т.О. за да учествувам во Гностичката Миса?

Членството во О.Т.О. не е услов за присуство на Гностичка Миса во многу локации. Гностичката Миса е опишана како “централен ритуал на О.Т.О. кој истовремено е и јавен и приватен” и често служи како место за контакт за оние кои се заинтересирани да дознаат повеќе за Редот и неговите практики. Некои локални тела претпочитаат да остварат некаков претходен контакт пред да поканат нови луѓе да присуствуваат на Гностичката Миса. Исто така се очекува од оние кои присуствуваат на Мисата да земат учество во евхаристијата која се дава на крајот од церемонијата. Ги охрабруваме оние кои се заинтересирани да присуствуваат на Гностичката Миса да се запознаат со текстот на ритуалот (Liber XV) пред да одлучат да присуствуваат.

Дали Ордо Темпли Ориентис е сатанистички или антихристијански?

О.Т.О. не тврди ниту се претставува како сатанистички или антихристијански. Сметаме дека ваквите описи не можат да ја отсликаат нашата природа ниту нашата визија за човештвото. Наместо антихристијански ние сме всушност про-Телемитски: ние ги поддржуваме Телемитските идеали за слобода на религиозното и личното самоизразување; еманципација од суеверие и социјално угнетување; како и развој на светскиот поглед кој ја помага и охрабрува древната визија за Универзално Братство на луѓето.

Дали во вашите ритуали е вклучено жртвување на животни?

Ниту еден од иницијациските ритуали на О.Т.О. или еклезијалистичките ритуали на EGC не вклучува жртвување на животни на ниеден начин. Како и да е, О.Т.О. не зазема морален или религиозен став во однос на практиката на жртвување на животни per se. Жртвувањето на животни е стара и легитимна религиозна традиција која историски се практикувала од постојните религиозни системи, вклучувајќи го Класичниот Паганизам, Јудаизмот, Исламот и многу други Африкански и Афро-Карипски религии.

Каков е односот меѓу Ordo Templi Orientis и Wicca?

О.Т.О. не е Wiccan-ска ниту Паганска организација. Сепак, членството во О.Т.О. не е неспојливо со Wicca или Паганизмот. Џералд Гарднер, кој општо се смета како заслужен за воспоставувањето на модерното Wicca и кој го сковал тој термин, бил под длабоко влијание на Кроулиевото дело и бил иницијант на О.Т.О. Бројни членови на О.Т.О. исто така се сметаат себеси за Wiccan-и

Каков е односот меѓу О.Т.О. и Слободното Ѕидарство?

О.Т.О. на почеток беше асоциран со одредени европски ритуали на Слободното Ѕидарство, но одамна е одвоен од самото Масонство. За понатамошни информации погледнете ги нашите страници за историјатот и иницијацијата во О.Т.О. Членството во О.Т.О. е компатибилно со членството во повеќето Масонски организации.

Каков е односот меѓу Ордо Темпли Ориентис и А.’.А.’.?

О.Т.О долго време работи во тесна алијанса со Редот А.’.А.’., кој прв го прокламира Законот на Телема во светот. А.’.А.’. е подучувачки и иницијаторен систем посветен на личниот спиритуален напредок на своите членови. Во А.’.А.’. сите услуги се бесплатни и нема никакви социјални активности. О.Т.О. и А.’.А.’. заедно го издаваат журналот Еквинокс уште од 1912 e.v. и моментно неговиот четврт том. Иако тие се посебни oрганизации, О.Т.О. историски го помагаше А.’.А.’. во практичните работи кои лежат сосема надвор од неговата примарна мисија, која има чисто спиритуална природа.

Дали е О.Т.О. религија?

Не, О.Т.О. е религиозна организација и магиско братство кое работи во рамките на поширокиот контекст на спиритуалната филозофија позната под името Телема, која технички може да смета како религија.

Дали членовите на вашиот Ред практикуваат “црна магија”?

“Црната магија” вообичаено се сфаќа како “врачање” или “дијаболизам” наменето да предизвика штета на другите битија. Кроулиевата концепција за “црна магија” претставува прочистување на вообичаеното сфаќање на овој термин: тој ја дефинира црната магија како магиско дело кое не и служи на Вистинската Волја од аспирантот; и тој исто така сметаше дека не може Вистинската Волја на еден човек да биде спротивставена со Вистинската Волја на друг. Спиритуалните практики во О.Т.О. се наменети за да ги подобрат животите на иницијантите, а не да повредуваат некоја друга личност. Понатаму, во своето класично дело Магика без солзи, Кроули дефинира три различни “школи на Магика”, жолта, бела и црна и сепак ги постулира овие школи на сосема различен начин отколку што на прво би се претпоставило; и Магиката што ја практикува Црната Школа е сосема различна од концепцијата за “црна магија” која беше погоре опишана. О.Т.О. ги охрабрува своите членови и не-членовите исто така, детално да ги проучат дефинициите на трите школи, кои се дадени од Кроули.

Како да се зачленам во О.Т.О.?

Прашањето е во целост одговорено на нашата страница за членство. Да сумаризираме, иницијантското членство бара физичка церемонија која подразбира дека мора да најдете локално тело на О.Т.О. во близина како би аплицирале за иницијација. Видете ја страницата со линкови на телата од О.Т.О. кои се во ваша близина.

Дали треба да верувам во некоја посебна догма за да се зачленам?

Доколку одлучите да полноправно членство во Io, треба да изјавите дека ја прифаќата Книгата на Законот како што е напишана, без желба да ја менувате. Дури и во степенот на Минервал ќе дадете цврсто ветување дека ќе ги браните принципите на слободата кои се поставени во Книгата на Законот. Сепак, начинот на кој ја интерпретирате Книгата на Законот и нејзиното значење најмногу зависи од вас.

Јас сум Будист/ Wiccan/ Католик/ Баптист/ Друид итн./ Дали можам да останам таков и да се зачленам во О.Т.О.?

О.Т.О. не наметнува ограничувања на верувањата од своите членови или на нивните здружувања со други организации кои не се обидуваат да ги прекршуваат правилата и дејствувањето на О.Т.О. Сепак, од членовите со висок ранг се очекува да избегнуваат учество во други групи кои би му го одзеле времето и енергијата што треба да ја посветат за исполнување на обврските од О.Т.О.

Дали ќе научам Магика во О.Т.О.?

Основната цел на О.Т.О. во рамките на тријадата Човек на Земјата е да ги пренесе Мистериите (иницијациските ритуали) и еклезијалистичките ритуали на E.G.C., а не активно да поучува некој посебен систем или практика на Магика. Како и да е, правилно сфатени овие ритуали сами по себе нудат значајни инструкции во форма на алегорија и симболизам, кои се од практична и теоретска вредност за сериозниот студент на Магика. Со цел да им помогнат на иницијантите да ги откријат и сфатат некои од лекциите на иницијациите, секое тело дава водичи за секој одреден степен. Во прилог на тоа многу локални тела нудат воведни часови, семинари, практични работилници и подучувачки и референтни материјали за разновидни системи и техники на Магика, традиционална и нетрадиционална, како и Кабала, Јога, медитација, дивинација, митологија, симболизам и компаративна религија.

Зошто О.Т.О. наплаќа членарини?

Финансиската поддршка е неопходна за да се води голема мултинационална организација, дури и онаа во која работат волонтери. Нашите финансиски извештаи се отворени за членовите.

Што добивам од мојата членарина?

Членовите на Редот примаат национални и интернационални билтени кои обично се печатат нередовно. Со подмирена членарина можеш да присуствуваш на иницијации и други настани кои се отворени за членови кои имаат добра репутација. Тоа ти дозволува да аплицираш за иницијација во следниот степен, кога ќе мислиш дека си спремен. Ти дава можност да спонзорираш други апликанти за иницијација еднаш штом си Io или некој повисок.

Прашања за Телемата и Алистер Кроули

Што е Телема?

Ова прашање е одговорено поопсежно во нашиот текст “за Телемата”. Накратко, Телемата е религиозен магиско-филозофски систем основан со примањето на Книгата на Законот во 1904 г. од страна на Алистер Кроули. Нејзините главни принципи можат да бидат сумаризирани со фразите, “Прави што ти е волја и тоа нека биде цел закон”, и “Љубовта е закон, љубов под волја”.

Што е Телемит?

Терминот “Телемит” и предмет на неколку различни интерпретации. Самиот термин е скован од страна на Франсоа Рабле во 1534 е.в. Кроули го користеше терминот за да опише некој кој го “прифатил Законот” (т.е. Книгата на Законот) и кој активно работи во рамките на Трите Рангови од системот на Телема. Овде го користиме во Кроулиева смисла.

Како да станам Телемит?

Преку одлучување дека сте Телемит и преку прифаќање на Законот на Телема. Прифаќањето на Либер АЛ како спиритуална и магичка фокусна точка е имплицирано во самата идеја, во смисла дека ќе биде парадоксално да се тврди дека се практикува Телема без нејзино прифаќање. Она што ќе го правите понатаму целосно зависи од вас (“Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон”). Не постои барање да се придружите на некоја посебна организација, да се здружите со (или да одбегнувате) други Телемити, или да следите некои посебни проучувања, медитации или ритуални практики. Многу Телемити откриваат дека членувањето во Телемитска организација се покажува корисно за продолжување на нивната сопствена Работа (Големо Дело). Постојат бројни такви организации од кои можете да одберете, а меѓу нив е и О.Т.О. како најбројна и најпозната меѓу нив.

Што ќе се случи ако твоја Вистинска Волја е да направиш (некоја лоша работа)?

Ова е филозофска загатка во сржта на Телемата и како и сите загатки се спротивставува на површно решение. Една Школа на Мисли смета дека “Прави што ти е волја” е повеќе описен отколку нормативен закон, слично на разликата меѓу ограничувањето на брзината на светлината од страна на Универзумот и пропишаната брзина на автопат. Со самото тоа што сте извеле одреден акт се индицира дека сте имале намера да го направите тој акт и успешно сте направиле вашата намера да се реализира, а со самото тоа е евидентно дека сте се усогласиле со законите кои управуваат со таквите акции. Друга школа на мисли се расправа тврдејќи дека Законот треба да се види како некоја цел што треба да се постигне и дека е многу веројатно оти ќе делувате против вашата (вистинска) Волја. Со овој поглед се претпоставува дека ако сите ја вршат сопствената Волја нема да се јави конфликт. Ако смеам да го додадам моето искуство. Открив дека двата погледи се покажуваат ‘точни’ во различни ситуации и за различни цели. На многу начини оваа дебата приликува (дури е и иста) на дебатата околу предодреденоста и слободната волја; колку и да е интересна можноста на првото, во практичната реалност чувствувам дека имам слободна волја и на крајот од практични причини, тоа е она што е важно. Истите аргументи можат да се применат на описната и нормативната смисла на Законот на Телема. – C.B.

Дали Алистер Кроули беше сатанист?

Алистер Кроули беше систематски и научен истражувач на религиозните практики, техники и доктрини. Како таков, тој изведуваш посветени вежби на Сатаната исто како и на Исус Христос, Девица Марија, на разни божества од египетските и хиндуистичкиот пантеон, на Јехова како и на Алах. Во едно време или еден друг Кроули беше Атеист, Политеист, Монотеист, Будист и Паган. Во 1904 тој стана Пророк на Новиот Еон и основач на религиозното, магиско и филозофско движење наречено Телема, преку примањето на Либер АЛ вел Легис, Книгата на Законот.

Дали Кроули навистина жртвувал деца?

Не. Кроули никогаш не практикувал ниту се залагал за човечко жртвување. Неговата често наведувана алузија за често “жртвување на деца” (Магика во Теорија и Пракса, Поглавје XII) е метафора за специфични пракси од сексуалната магика кои не вклучуваат повредување на некоја индивидуа, ами ги пренасочуваат сексуалните енергии од физичка репродукција кон други цели. ‘Детето’ или ‘Пупката на Волјата’ кое е жртвувано во таква пракса е посебна манифестација на Волјата од магичарот и не претставува физичко, човечко дете. Човечкото жртвување во која било форма е некомпатибилно со принципите на Телемата и претставува повредување на правото на секоја личност да живее според своја волја.

Што значи “e.v.” кое се јавува по датумите во Телемитските списи?

Телемата има своја календар, но сега главно се користи во церемонијални цели. Заедно со многуте религии од многу практични причини го користиме Грегоријанскиот календар. Во христијанската практика годините по традиционалното раѓање на Исус Христос се одредени како “A.D.” или “Anno Domini”, кое значи “Година Божја”. Научниците кои сакаат да го користат Грегоријанскиот календар без некоја секташка атрибуција ја прифатија во пракса употребата на “C.E.”, скратено за “Сегашна Ера”. Некои го користат латинскиот еквивалент кој е E.V. (“Ера Вулгарис”). Кроули ја воспостави традицијата на користење на последното кога упатуваше на грегоријанските датуми во Телемитските материјали и оваа традиција е задржана и до ден денес.

Што значи “93”?

Старите хебрејски и грчки јазици немаа одвоени бројни системи; броевите беа означувани преку употребата на буквите во двата алфабети, од кои секој имаше припишано различна нумеричка вредност. Оттаму, нумеричка вредност може да се добие од секој збор или фраза спелувана на грчки или хебрејски. Проучувањето на овие нумерички вредности и нивните значења се нарекува “гематрија”. Грчките зборови Телема = Волја и Агапе = Љубов имаат иста бројна вредност 93. Според тоа, бројот 93 служи како концизно симболичко изразување на принципите на Волјата (Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон) и Љубовта (Љубовта е закон, љубов под волја). Кроули ги препорачуваше овие фрази како Телемитски поздрави при средба и разделба; модерните Телемити често го користат “93” како пократка замена на овие фрази.

Доколку имате некои други прашања за О.Т.О., Телема, Алистер Кроули или други слични теми ве молиме да се чувствувате слободно и да ги упатите на нашиот e-mail: oto-mk@oto-mk.net или secretfire@oto-mk.net .