Книгата на Законот

Liber AL vel Legis sub figura CCXX

како што е предадена од XCIII = 418 на DCLXVI
An IXii Sol in Aries
March 21, 1938 e.v.
Приватно издадена од О.Т.О. BCM /ANKH
188 High Holborn, London W.C.1.


Поглавје I

1. Хад! Манифестација на Нуит.
2. Разоткривање на небесната заедница.
3. Секој маж и секоја жена е ѕвезда.
4. Секој број е бескраен; нема разлика.
5. Помогни ми, о воинствен господару на Теба, во моето разоткривање пред Децата на луѓето!
6. Биди ти Хадит, мој таен центар, мое срце и мој јазик!
7. Погледни тоа е разоткриено од Аиваз, пратеникот на Хоор-паар-краат.
8. Кабс е во Ку, а не Ку во Кабс.
9. Обожувај го тогаш Кабс и гледај ја мојата светлина прелиена врз тебе!
10. Нека бидат моите служители малубројни и тајни; тие ќе владеат со мнозинството и знајните.
11. Будали се тие што луѓето ги обожуваат; и нивните Богови и нивните луѓе се будали.
12. Излезете, о деца, под ѕвездите и исполнете се со љубов!
13. Јас сум над вас и во вас. Мојата екстаза е во вашата. Мојата радост е да ја гледам вашата радост.
14. Горе, бисерниот азур е
Голиот сјај на Нуит;
Таа се наведнува во занес да ги бакне
Тајните жештини на Хадит.
Крилестата топка, ѕвезденото синило
Се мои, О Анк-аф-на-консу!
15. Знајте сега дека избраниот свештеник и апостол на бесконечниот простор е принцот – свештеник Ѕверот; и во неговата жена наречена Скерлетна Жена е дадена сета моќ. Тие ќе ги соберат моите деца во нивната прегратка: тие ќе ја донесат славата на ѕвездите во срцата на луѓето.
16. Зашто тој секогаш е сонце, а таа луна. Но за него е крилестиот таен плам, а за неа надвиената ѕвездена светлина.
17. Но, вие не сте така избрани.
18. Гори над нивните чела, о сјајна змијо!
19. О, жено, со азурни клепки, свиј се над нив.
20. Клучот на ритуалите е во тајниот збор што му го дадов.
21. Со Богот и Обожувателот јас сум ништо: тие не ме гледаат. Тие како да се на земјата; Јас сум Небо и нема друг Бог освен мене, и мојот господ Хадит.
22. Сега, значи, јас сум ви позната по моето име Нуит, а нему по тајното име што ќе му го дадам кога конечно ќе ме спознае. Бидејќи сум Бескрајна Вселена и Безбројните Ѕвезди во неа, правете и вие така. Не ограничувајте ништо! Меѓу вас нека не се прави разлика помеѓу едно и кое било другo нешто; Оти оттаму следува болка.
23. Но, кој ќе успее во тоа, нека им биде водач на сите!
24. Јас сум Нуит, и мојот збор е шест и педесет.
25. Дели, собирај, множи и разбери.
26. Тогаш рече пророкот и роб на убавицата: Кој сум Јас, и што ќе биде знакот? Па таа му одговори, наведнувајќи се долу, треперлив оган од синило, седопирлив, сепродирлив, со нејзините мили раце на црната земја, и нејзиното витко тело надвиено за љубов, со нејзините нежни стапала не повредувајќи ги малите цветови: Ти знаеш! А знакот ќе биде мојата екстаза, свесностa за непрекинатост на постоењето, сеприсутностa на моето тело.
27. Тогаш свештеникот одговори и ѝ рече на Кралицата на Вселената, бакнувајќи ги нејзините убави веѓи, а росата од нејзината светлина го капеше целото негово тело во слаткомирислив парфем од пот: О Нуит, постојаност Небесна, нека засекогаш биде така; луѓето нека не говорат за Тебе како за Една туку како за Ниедна; и нека не говорат за тебе воопшто, затоа што ти си постојаност!
28. Ниедна, вдишувајќи пригушена и волшебна светлина на ѕвездите, и два.
29. Зашто јас сум раздвоена заради љубовта, за можноста на соединување.
30. Тоа е создавањето на светот, болката на раздвоеноста е како ништо, а радоста на растопувањето сѐ.
31. За овие будали меѓу луѓето и нивните јадови не грижи се воопшто! Тие чувствуваат малку; она што постои, урамнотежено е со слаби радости; но вие сте мои избраници.
32. Слушајте го мојот пророк! следете ги искушенијата на моето знаење! барајте ме само мене! Тогаш радостите на мојата љубов ќе ве искупат од сета болка. Тоа е така: Се колнам со сводот на моето тело; со моето свето срце и јазик; со сѐ што можам да дадам, со сѐ што сакам од сите вас.
33. Тогаш свештеникот падна во длабок транс или бесвест, и ѝ рече на Кралицата на Небото; Напиши ни ги искушенијата; напиши ни ги ритуалите; напиши ни го законот!
34. Но таа рече: искушенијата не ги пишувам: ритуалите ќе бидат половина познати а половина прикриени: Законот е за сите.
35. Ова што го пишуваш е триделната книга на Законот.
36. Мојот писар Анк-аф-на-консу свештеникот на принцовите, нема ни за една буква да ја измени оваа книга; за да нема глупости, тој ќе ја коментира со мудроста на Ра-Хоор-Куит.
37. Така и мантрите и волшепствата; обиа и ванга; делото на стапот и делото на мечот; за тие ќе учи и подучува.
38. Тој мора да подучува; но тој може да ги направи искушенијата строги.
39. Зборот на Законот е Θελημα.
40. Кој нѐ нарекува Телемити нема да згреши, само ако подобро погледне во зборот. Зашто во него се Три Степени, Пустиник, Љубовник и човек на Земјата. Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон.
41. Зборот на Гревот е Ограничување. О мажу! Не одбивај ја твојата жена, ако ѝ е волја! О љубовнику, ако ти е волја, напушти! Не постои врска што ќе ги соедини разделените освен љубовта: сѐ друго е проклетство. Проколнат! Проколнат нека биде со еони! Пекол.
42. Нека биде таа заедница на мноштвото врзана и презрена. Така и со сѐ твое; ти немаш право освен да ја вршиш својата волја.
43. Прави го тоа, и никој нема да ти каже не.
44. За чистата волја, неослабена од причина, ослободена од страста за резултат, секој пат е совршен.
45. Совршен и Совршен се еден Совршен, а не два; не, не се ниту еден!
46. Ништо е тајниот клуч на овој Закон. Шеесет и еден Евреите го нарекуваат; јас го нарекувам осум, осумдесет, четиристотини и осумнаесет.
47. Но, тие ја имаат половината: соедини со твојата вештина така што сѐ ќе исчезне.
48. Мојот пророк е будала со неговото еден, еден, еден; зар не се тие Вол, и ниту еден по Книгата?
49. Поништени се сите ритуали, сите искушенија, сите зборови и знаци. Ра-Хоор-Куит го зазеде своето седиште на Исток за време на Рамноденицата на Боговите; и нека Асар биде со Иса, кои исто така се едно. Но тие не се од мене. Нека Асар биде обожувател, Иса страдалник; Хоор во неговото тајно име и сјај е Господ што иницира.
50. Треба да се каже некој збор за Хиерофантската задача. Погледни! Три искушенија се во едно и можат да бидат дадени на три начина. Грубиот мора да помине низ оган; финиот нека биде проверен умствено, а возвишените избраници во највисокото. Така имате ѕвезда и ѕвезда, систем и систем; нека едното не го познава добро другото!
51. Четири порти водат кон една палата; подот на таа палата е од сребро и злато; лапис лазули и јаспис се таму; и сите ретки мириси; јасмин и роза, и симболите на смртта. Нека тој влезе наизменично или одеднаш на четирите порти; нека застане на подот од палатата. Нема ли да потоне? Амн. О! воину, ако твојот слуга потоне? Но, постојат начини и начини. Затоа бидете отмени: облекувајте се сите во убава облека; јадете богати јадења и пијте благи вина и вина што се пенат! Исто така, исполнете се со љубов по волја, како ви е волја, кога, каде и со кого ви е волја! Но секогаш за мене.
52. Ако ова не биде правилно; ако ги измешате просторните ознаки, зборувајќи: Тие се едно; или зборувајќи, Тие се многу; ако ритуалот не биде секогаш за мене: тогаш, очекувајте ги стравотните осуди на Ра- Хоор-Куит!
53. Тоа ќе го обнови светот, малиот свет мојата сестра, моето срце и мојот јазик, кому му го праќам овој бакнеж. Исто така, о писару и пророку, иако си ти од принцовите, тоа нема да ти олесни ниту да те ослободи. Но, нека биде екстазата твоја и радоста земска: секогаш Кон мене! Кон мене!
54. Не менувај ја дури ниту формата на буквите; оти гледај! ти о пророку, нема да ги согледаш сите мистерии скриени во нив.
55. Детето на твојата утроба, тој ќе ги согледа.
56. Не очекувај го ниту од Исток ниту од Запад; зашто од неочекувана куќа доаѓа тоа дете. Аум! Сите зборови се свети и сите пророци вистинити; освен што тие разбираат малку; реши ја првата половина од равенката, втората остави ја недопрена. Но, ти имаш сѐ во јасна светлина, и нешто, иако не сѐ, во темнина.
57. Призивајте ме под моите ѕвезди! Љубовта е закон, љубов под волја. И не дозволете им на будалите погрешно да ја сфатат љубовта; зашто има љубов и љубов. Постои гулаб, и постои змија. Одберете добро! Тој, мојот пророк, одбра, познавајќи го законот на тврдината и големата мистерија на Божјата Куќа. Сите овие стари букви од мојата Книга се правилни; но צ (Цади) не е Ѕвездата. Тоа исто така е тајна: мојот пророк ќе им ја открие на мудрите.
58. Јас давам незамисливи радости на земјата: сигурност, не верба, за животот, над смртта; мир неискажан, одмор, екстаза; ниту пак барам некакви жртви.
59. Мојот мирис е од смолести дрвја и гуми; и нема крв во него: поради мојата коса дрвјата на Вечноста.
60. Мојот број е 11, како и броевите на тие што се наши. Петокрака Ѕвезда, со Круг во Средина, а кругот е Црвен. Мојата боја е црна за слепите, но сина и златна гледаат тие што имаат вид. Исто така јас имам скриена слава за тие кои ме љубат.
61. Но, да ме сакаш подобро е од сите нешта: ако под ноќните ѕвезди во пустината го запалиш сега мојот мирис пред мене, призивајќи ме со чисто срце, и со Змиски пламен во него, ќе дојдеш да легнеш малку на моите гради. За еден бакнеж тогаш ќе бидеш волен да дадеш сѐ; но секој што ќе даде еден дел од правот ќе загуби сѐ во тој час. Ќе собирате добра и обилство на жени и мирудии; ќе носите скапоцен накит; ќе ги надминете нациите на земјата во сјајот и гордоста; но секогаш сакајќи ме, и така ќе дојдете до мојата радост. Срдечно ви наложувам да дојдете пред мене во единствена одежда, со раскошна наметка на глава. Јас ве љубам! Јас копнеам по вас! Бледа или пурпурна, прекриена или сладострасна, јас која сум цела задоволство и пурпур, и опиеност на најинтимното чувство, ве посакувам. Наметнете крилја, и разбудете го свиениот сјај во себе: дојдете кон мене!
62. На сите мои средби со вас свештеницата ќе говори – а нејзините очи ќе пламтат со страст додека стои гола и радосна во мојот таен храм – Кон мене! Кон мене! призивајќи го пламенот во срцата на сите со нејзината љубовна песна.
63. Пеј ми ја восхитната љубовна песна! За мене пали мириси! За мене носи скапоцени камења! За мене пиј, зашто те љубам! Те љубам!
64. Јас сум ќерката на Зајдисонцето со сини клепки; јас сум голата брилијантност на сладострасното ноќно небо.
65. Кон мене! Кон мене!
66. Манифестирањето на Нуит е при крај.

Поглавје II

 

1. Ну! прикриеност на Хадит.
2. Дојдете! сите вие, и сознајте ја тајната што сѐ уште не е откриена. Јас, Хадит, сум дополнение на Ну, мојата невеста. Јас не сум распространет, и Кабс е името на мојата Куќа.
3. Во сферата јас сум насекаде центар, како што таа, обемот, никаде не се наоѓа.
4. Сепак таа ќе биде знајна, а јас никогаш.
5. Погледнете! ритуалите на старото време се црни. Злите нека бидат отфрлени; добрите нека бидат прочистени од пророкот! Тогаш тоа Знаење ќе продолжи правилно.
6. Јас сум пламенот што гори во срцето на секој човек, и во јадрото на секоја ѕвезда. Јас сум Живот, и дарител на Живот, но сепак спознавањето на мене е спознавање на смртта.
7. Јас сум Магичарот и Егзорцистот. Јас сум оска на тркалото, и коцка во кругот. “Дојдете кон мене” е будалест израз: зашто јас сум тој што оди
8. Кој го обожуваше Херу-па-краат ме обожуваше мене; погрешно, оти јас сум обожувателот.
9. Запомнете сите вие дека постоењето е чиста радост; дека сите таги се само како сенки; тие поминуваат и завршуваат; но постои нешто што останува.
10. О пророку! ти си зловолен да го проучуваш овој спис.
11. Те гледам дека ја мразиш раката и перото; но јас сум посилен.
12. Поради мене во Тебе што не го познаваш.
13. но зошто? Затоа што ти беше познавач, и јас.
14. Сега нека се прекрие ова светилиште: сега светлината нека ги проголта луѓето и нека ги изеде со слепило!
15. Оти јас сум совршен, бидејќи Не сум; и мојот број е девет според будалите; но со праведните сум осум, и еден во осум: Што е битно, оти јас сум навистина ниеден. Императорката и Кралот не се од мене; оти тука е следната тајна.
16. Јас сум Императорка и Хиерофант. Затоа единаесет, како што и мојата невеста е единаесет.
17. Слушнете ме, вие луѓе што воздивнувате! Јадовите на болката и тагата Оставени се на мртвите и тие што умираат, Народот којшто сѐ уште не ме познава.
18. Тие се мртви, тие луѓе; тие не чувствуваат. Ние не сме за бедните и тажните: господарите на земјата се нашите роднини.
19. Зар Бог да живее во пес? Не, но највисоките се од нас. Тие ќе се радуваат, нашите избрани: кој тагува не е од нас.
20. Убавината и моќта, полетната смеа и пријатниот копнеж, силата и огнот, се од нас.
21. Ние немаме ништо со отфрлените и неспособните: нека умрат во својата беда. Оти тие не чувствуваат. Сочувството е порок на кралевите: згази ги бедните и слабите: тоа е закон на силните: тоа е наш закон и радост на светот. Не мисли, о кралу, за таа лага: Дека Мораш Да Умреш: навистина ти нема да умреш, туку ќе живееш. Сега нека се разбере: Ако телото на Кралот се распадне, тој ќе остане во чиста екстаза засекогаш. Нуит! Хадит! Ра-Хоор-Куит! Сонце, Сила и Вид, Светлина; тие се за служителите на Ѕвездата и Змијата.
22. Јас сум Змија што дава Знаење и Восхит и блескава слава, и ги поттикнувам срцата на луѓето со пијанство. За да ме обожувате земете вино и чудни дроги за кои ќе му кажам на мојот пророк, и бидете опиени од нив! Тие воопшто нема да ви наштетат. Тоа е лага, таа лудост против јаството. Истакнувањето на невиност е лага. Биди силен, о човеку! страстен, уживај во сите сетилни и насладни нешта: не плаши се дека кој било Бог ќе се откаже од тебе заради тоа.
23. Јас сум сам: нема Бог каде што сум јас
24. Гледајте! ова се сериозни тајни; зашто исто така меѓу моите пријатели има пустиници. Но, не мислете дека ќе ги најдете во шума или на планина; туку во пурпурни кревети, милувани од прекрасни жени ѕверови со долги екстремитети, со оган и светлина во нивните очи, и бујна пламена коса околу нив; таму ќе ги најдете. Ќе ги видите на власт, кај победничките армии, кај секоја радост; и во нив ќе биде радост милион пати поголема од оваа. Внимавајте никој да не го присилува другиот, Крал против Крал! Љубете се со распламтени срца; по ниските луѓе газете во дивата страст на вашата гордост, во денот на вашиот гнев.
25. Вие сте против народот, О мои избрани!
26. Јас сум тајната Змија свиткана пред скок: во мојата свиеност е радост. Ако ја подигнам мојата глава, јас и мојата Нуит сме едно. Ако ја спуштам мојата глава, и исфрлам отров, тогаш тоа е наслада на земјата, и јас и земјата сме едно
27. Постои голема опасност во мене; зашто оној што не ги разбира овие руни ќе направи голема грешка. Тој ќе падне во бездната наречена Затоа, и таму ќе пропадне со кучињата на Разумот.
28. А сега клетва на Затоа и неговиот род.
29. Нека Затоа биде проколнато засекогаш.
30. Ако Волјата застане и викне Зошто, привикувајќи го Затоа, тогаш Волјата застанува и не прави ништо.
31. Ако Моќта запраша зошто, тогаш Моќта е слабост.
32. Исто така Разумот е лага; зашто постои чинител бесконечен и непознат; и сите нивни зборови се навидум мудри.
33. Доста за Затоа! Нека биде проколнат како пес!
34. Но вие, о мој народе, дигнете се и разбудете се!
35. Ритуалите нека бидат изведувани правилно со радост и убавина!
36. Постојат ритуали на елементите и прослави на времињата.
37. Прослава за првата ноќ на Пророкот и неговата Невеста.
38. Прослава за трите дена на пишувањето на Книгата на Законот.
39. Прослава за Тахути и детето на Пророкот – тајна, О Пророку!
40. Прослава за Врвниот Ритуал, и прослава за Рамноденицата на Боговите.
41. Прослава за оган и прослава за вода; прослава за живот и уште поголема прослава за смрт!
42. Прослава секој ден во вашите срца во радоста на мојот восхит!
43. Прослава секоја ноќ за Ну, и задоволство на крајниот занес!
44. Навистина! празнувајте! радувајте се! нема страв од сега натаму. Разложувањето, и вечната екстаза се во бакнежите на Ну.
45. Смртта е за пците.
46. Дали згреши? Дали ти е жал? Има ли страв во твоето срце?
47. Каде што сум јас го нема тоа.
48. Не жали ги паднатите! Јас никогаш не ги познавав. Јас не сум за нив. Јас не тешам: ги мразам утешениот и утешителот.
49. Јас сум единствен и освојувач. Јас не сум од робовите што пропаѓаат. Нека бидат проколнати и мртви! Амен. (Ова е за 4: постои петти кој е невидлив, и внатре сум јас како бебе во јајце.)
50. Син сум и златен јас во светлоста на мојата невеста: но црвен сјај е во моите очи; и моите украси се пурпурни и зелени.
51. Пурпур над пурпурот: тоа е светлост повисока од очниот вид.
52. Постои превез: тој превез е црн. Тоа е превез на скромна жена; тоа е превез на тагата, покров на смртта: ништо од тоа не е мое. Симнете го тоа лажливо привидение на вековите: не виткајте ги вашите пороци во доблесни зборови: тие пороци се моја служба; така постапувајте, и јас ќе ве наградам тука и потоа.
53. Не плаши се, о пророку, откако овие зборови се изречени, ти нема да зажалиш. Ти си несомнено мојот избраник; и благословени се очите што ќе ги гледаш со задоволство. Но јас ќе те скријам во маска на тага: тие што ќе те видат ќе стравуваат дека си паднал: но јас те воздигнувам.
54. Ниту тие што ја извикуваат својата лудост дека ти не значиш ништо ќе имаат корист; ти ќе го откриеш тоа: ти вредиш: тие се робови на затоа: Тие не се од мене. Точките според твојата волја; буквите? Не менувај ги ниту во стилот ниту во вредноста!
55. Ќе го добиеш редот и вредноста на Англиската Азбука; ќе пронајдеш нови симболи со кои ќе го поврзеш.
56. Бегајте! Вие потсмевачи; иако се смеете во моја чест нема да се смеете долго: тогаш кога сте тажни знајте дека сум ве напуштил.
57. Тој што е праведен и ќе остане праведен; тој што е гнасен и ќе остане гнасен.
58. Да! не верувајте во промена: ќе бидете тоа што сте, а не друго. Затоа кралевите на земјата ќе бидат Кралеви засекогаш: робовите ќе служат. Нема никој што ќе биде понижен или воздигнат: сѐ е како што било секогаш. Сепак има маскирани, мои служители: може оној питач да е Крал. Кралот може да ја избере својата облека по волја: не постои сигурен тест: но питачот не може да ја скрие својата беда.
59. Затоа внимавајте! Сакајте ги сите, зашто можеби Кралот е прикриен! Така велиш? Будало! Ако тој е Крал, ти не можеш да го повредиш.
60. Затоа удри грубо и ниско, и во пекол со нив, мајсторе!
61. Светлина е пред твоите очи, о пророку, светлина несакана, најпосакувана.
62. Јас сум воздигнат во твоето срце; и бакнежите на ѕвездите се истураат силно по твоето тело.
63. Ти си истоштен во страсното обилство на вдишувањето; издишувањето е послатко од смртта, побрзо и посмешно од милувањето на самиот Пеколен црв.
64. Ох! ти си совладан: ние сме над тебе; нашата радост е секаде околу тебе: да живее! да живее: пророкот на Ну! пророкот на Хад! пророкот на Ра-Хоор-Ку! Сега радувај се! Сега дојди во нашиот сјај и восхит! Дојди во нашиот страстен мир, и пишувај слатки зборови за Кралевите!
65. Јас сум Господарот: ти си Светиот Избраник.
66. Пишувај, и најди екстаза во пишувањето! Работи, и биди наша потпора во работата! Трепери со радоста на животот и смртта! Ах! твојата смрт ќе биде мила: тој што ќе ја види ќе биде задоволен. Твојата смрт ќе биде печат на ветувањето за нашата вековна љубов. Дојди! воздигни го твоето срце и радувај се! Ние сме едно; ние сме ниедно.
67. Држи се! Држи се! Истрај во својот восхит; не паѓај во бесознание од извонредните бакнежи!
68. Поцврсто! Држи се! Крени ја својата глава! не диши толку длабоко – умри!
69. Ах! Ах! Што чувствувам јас? дали е зборот исцрпен?
70. Постои помош и надеж во други волшепства. Мудроста вели: биди силен! Тогаш ќе можеш да поднесеш повеќе радост. Не биди животно; облагороди го својот восхит! Ако пиеш, пиј со осум и деведесет правила на вештината: ако љубиш, надмини со префинетост; и ако правиш нешто радосно, нека има суптилност во тоа!
71. Но, надмини! надмини!
72. Стреми се секогаш кон повеќе! и ако си навистина мој – а во тоа не се сомневај, и ако си секогаш радосен! – смртта е круна на сѐ.
73. Ах! Ах! Смрт! Смрт! ти ќе копнееш по смртта. Смртта е забранета, о човеку, за тебе.
74. Должината на твојот копнеж ќе биде силата на неговата слава. Тој што живее долго и многу посакува смрт секогаш е Крал меѓу Кралевите.
75. Навистина! слушни ги броевите и зборовите:
76. 4 6 3 8 A B K 2 4 A L G M O R 3 Y X 24 89 R P S T O V A L. Што значи ова, о пророку? Ти не знаеш; ниту некогаш ќе дознаеш. Доаѓа еден да те следи: тој ќе го протолкува тоа. Но запомни, о избранику, да бидеш јас; да ја следиш љубовта на Ну на ѕвезденото небо; да ги бараш луѓето, да им го кажеш овој радосен збор.
77. О биди горд и моќен меѓу луѓето!
78. Воздигни се! зашто никој нема сличен на тебе меѓу луѓето, ниту меѓу Боговите! Воздигни се, о мој пророку, твојата става ќе ги надмине ѕвездите. Тие ќе го обожуваат твоето име, четиристрано, мистично, чудесно, бројот на човекот; и името на твојата куќа 418.
79. Крај на прикриеноста на Хадит; и благослов и обожување на пророкот на красната ѕвезда!

Поглавје III

 

1. Абрахадабра; награда на Ра Хоор Кут.
2. Постои раздор кој наближува кон куќата; постои збор непознат. Волшепството е мртво; сѐ е ништо. Внимавај! Држи се! Воздигни го волшепството на Ра-Хоор-Куит!
3. Сега нека биде прво разбрано дека јас сум бог на Војната и Одмаздата. Остро ќе постапам со нив.
4. Изберете остров!
5. Утврдете го!
6. Засејте го со воена машинерија!
7. Јас ќе ви дадам воена машина.
8. Со неа ќе ги смачкате народите; и никој нема да застане пред вас.
9. Демни! Повлечи се! На нив! ова е Законот на Освојувачката Битка: такво ќе биде моето обожување околу мојата тајна куќа.
10. Земи ја самата стела на откровението; постави ја во твојот таен храм – а тој храм е веќе правилно уреден – и тоа ќе биде твојата Кибла засекогаш. Таа нема да избледи, но чудесна боја ќе ѝ се враќа од ден на ден. Затвори ја во заклучено стакло за доказ на светот.
11. Тоа ќе биде твој единствен доказ. Забранувам расправа. Победи! Тоа е доволно. Ќе ти ја олеснам апструкцијата од лошо уредената куќа во Победничкиот Град. Ти самиот ќе го спроведеш тоа со обожување, о пророку, иако тоа не ти се допаѓа. Ќе бидеш во опасност и во неволја. Ра-Хоор-Ку е со тебе. Обожувај ме со оган и крв; обожувај ме со мечови и копја. Нека жената биде опашана со меч пред мене: нека тече крв кон моето име. Згази ги Безбожниците; биди над нив, о воину, ќе ти дадам од нивното месо да јадеш!
12. Жртвувај стока, мала и голема: потоа дете.
13. Но, не сега.
14. Ти ќе го здогледаш тој час, о благословен Ѕверу, и ти Скерлетна Конкубино на неговата страст!
15. Ќе бидеш тажен поради тоа.
16. Не мисли нестрпливо да ги исполниш ветувањата; не плаши се да ги поднесеш клетвите. Ти, дури ни ти, не го знаеш значењето на сето ова.
17. Не плаши се воопшто; не плаши се ни од луѓе ни од Судбини, ни од богови, ниту од што било. Не плаши се од парите, ни од смеата на будалестиот народ, ниту од која било друга сила на небото или на земјата или под земјата. Ну е твое засолниште, како што Хадит е твојата светлина; а јас сум јакоста, силата, жестината на твоите раце.
18. Милосрдието нека се отфрли; проколни ги оние што сожалуваат! Убивај и измачувај; не поштедувај; биди над нив!
19. Таа стела тие ќе ја нарекуваат Гнасност на Пустошењето; пресметај го добро нејзиното име, и тоа ќе ти биде како 718.
20. Зошто? Заради падот на Затоа, за тој да не е повторно таму.
21. Постави ја мојата слика на Исток: ќе купиш слика која ќе ти ја покажам, посебна, не поинаква од таа што ја познаваш. И одеднаш ќе ти биде лесно да го направиш тоа.
22. Другите слики групирај ги околу мене да ме поддржуваат: нека бидат сите обожувани, оти тие ќе се соберат да ме вознесат. Јас сум видливиот предмет на обожување; другите се тајни; за Ѕверот и неговата
Невеста се тие: и за победниците од Искушението х. Што е тоа? Ти ќе знаеш.
23. За мирис мешај брашно и мед и густ талог од црвено вино; потоа масло на Абрамелин и маслиново масло, а потоа омекни го и разблажи го со сочна свежа крв.
24. Најдобра крв е од луната, месечна: потоа свежа крв од дете, или таа што капе од небесната хостија: потоа од непријателите; потоа од свештеник или од обожувателите: на крај од некој ѕвер, не е важно кој.
25. Тоа гори го: од тоа прави колачи и јади ги за мене. Тоа има и друга намена; нека биде поставено пред мене, и наполнето со миризбите на вашата молитва: тоа ќе се исполни со бубачки и со ползечки суштества посветени на мене.
26. Убиј ги, именувајќи ги своите непријатели; и тие ќе паднат пред тебе.
27. Исто така, тие ќе ја подигнат страста и моќта на страста во тебе кога ќе ги јадеш.
28. Исто така ќе бидеш силен во војна.
29. И повеќе, што подолго се чуваат, тоа подобро; оти тие набабруваат со мојата сила. Сѐ пред мене.
30. Мојот олтар е од гравирана бронза: пали на него во сребро или злато.
31. Доаѓа богат човек од Запад кој ќе го истури своето злато врз тебе.
32. Од злато ковај челик!
33. Биди спремен да побегнеш или да удриш.
34. Но твоето свето место ќе биде негибнато низ вековите: иако со оган и меч ќе биде спалено и разурнато, сепак таму невидлива куќа стои, и ќе стои сѐ до падот на Големиот Еквинокс; кога Хрумакис ќе се воздигне и тој со двојниот стап ќе го преземе мојот трон и место. Друг пророк ќе се воздигне, и ќе донесе свежа треска од небесата; друга жена ќе ја разбуди страста и обожувањето на Змијата; друга душа на Бога и на Ѕверот ќе се смешаат во свештеникот на глобусот; друга жртва ќе ја извалка гробницата; друг крал ќе владее; и благослов нема веќе да се излева Кон Сокологлавиот мистичен Господ!
35. Половината од зборот на Херу-ра-ха, наречен Хоор- па-краат и Ра-Хоор-Кут.
36. Тогаш пророкот му рече на Бог:
37. Те обожувам во песната -
Јас сум Господарот на Теба, и јас
Вдахновениот гласноговорник на Менту;
За мене се раскрива прекриеното небо,
Самопогубениот Анк-аф-на-консу
чии зборови се вистина. Ја призивам, ја поздравувам
Твојата присутност, О Ра-Хоор-Куит!
Единство потполно искажано!
Ја обожувам моќта на твојот здив,
Врховен и страшен Богу,
Кој чиниш боговите и смртта
Да треперат пред Тебе:
Јас, јас те обожувам!
Појави се на тронот на Ра!
Отвори ги патеките на Ку!
Осветли ги патеките на Ка!
Патеките на Кабс проаѓаат
Да ме вознемират или смират!
Аум! нека тоа ме убие!
38. Така што твојата светлина ќе е во мене; и нејзиниот црвен пламен е како меч во мојата рака со кој ја спроведувам твојата заповед. Има тајна врата што ќе ја направам за да го воспоставам твојот пат во сите страни на светот, (ова се обожувања, како што си ги запишал), како што е кажано:
Светлината е моја; нејзините зраци
Ме обземаат: направив тајна врата
Во куќата на Ра и Тум,
На Кефра и на Ахатор.
Јас сум твојот Тебанец, О Менту,
Пророкот Анк-аф-на-консу!
Со Бес-на-Маут си удирам гради;
Со мудрата Та-Нех магија своја ткаам.
Покажи ја твојата ѕвездена величественост, О Нуит!
Покани ме во твојата Куќа да битисувам,
О крилеста змијо на светлината, Хадит!
Биди со мене, Ра-Хоор-Куит!
39. Сето ова и книгата што раскажува како дојде ти овде и копијата на ова мастило и хартија засекогаш – зашто во тоа е збор таен и не само во Англискиот – и твојот коментар на оваа Книга на Законот ќе бидат прекрасно отпечатени со црвено и црно мастило на прекрасна рачно изработена хартија; и на секој маж и жена што ќе ги сретнеш, дури и само да јадеш или пиеш со нив, Законот е да се даде. Тогаш тие ќе имаат можност да бидат во тоа блаженство или не; без оглед. Стори го тоа бргу!
40. Но работата на коментарот? Тоа е лесно; и Хадит што гори во твоето срце ќе го направи брзо и сигурно твоето перо.
41. Воспостави во твојата Кааба администрација: сѐ мора да се направи добро и на деловен начин.
42. Искушенијата ќе ги надгледуваш ти самиот, освен оние слепите. Не одбивај никого, но ти ќе ги препознаеш и уништиш предавниците. Јас сум Ра-Хоор-Куит; и моќен сум да го заштитам мојот служител. Успех е твојот доказ: не расправај; не преобратувај; не зборувај премногу! Тие што сакаат да те намамат, да те поразат, нив нападни ги без милост или сожалување; и уништи ги потполно. Брзо како згазена змија сврти се и удри! Биди дури и посмртоносен од неа! Фрли ги нивните души во стравотни маки: смеј се на нивниот страв: плукни на нив!
43. Нека внимава Скерлетната Жена! Ако милост и сожалување и нежност го посетат нејзиното срце; ако го напушти моето дело за да игра со старите сласти; тогаш ќе се знае мојата одмазда. Јас самиот ќе го убијам нејзиното дете: ќе го оттуѓам нејзиното срце: ќе ја изопштам од луѓето: како згрбавена и презрена курва таа ќе ползи низ мрачни и влажни улици и ќе умре премрзната и изгладнета.
44. Но, нека се издигне таа во гордост! Нека ме следи на мојот пат! Нека прави порочни дела! Нека го убие своето срце! Нека биде гласна и прељубна! Нека биде прекриена со скапоцени камења, и богата облека, и нека биде бесрамна пред сите луѓе!
45. Тогаш ќе ја издигнам до врвовите на моќта: тогаш ќе однегувам од неа дете помоќно од сите кралеви на земјата. Ќе ја исполнам со радост: со мојата сила таа ќе гледа и ќе удира при обожувањето на Ну: таа ќе го постигне Хадит.
46. Јас сум воинствениот Господ на Четириесеттите: Осумдесеттите ползат пред мене, и се понижени. Ќе ве одведам до слава и радост: ќе ви бидам при рака во битка и со восхит ќе убивате. Успехот е вашиот доказ; храброста е вашиот оклоп; напред, напред, во мојата сила; и за ништо нема да се свртите назад.
47. Оваа книга ќе биде преведена на сите јазици: но секогаш со оригиналниот ракопис на Ѕверот; зашто во случајната форма на буквите и нивната меѓусебна положба: во нив се мистериите што ниеден Ѕвер нема да ги прорече. Нека не се обидува да бара: но еден доаѓа по него, не кажувам од каде, кој ќе го открие Клучот на сето ова. Затоа оваа повлечена линија е клуч: затоа овој круг поделен на четири sd, во својата грешка е исто така клуч. И Абрахадабра. Тоа ќе биде негово дете и тоа чудно. Нека не го бара ова; зашто така може само да отпадне.
48. Сега оваа мистерија со буквите е завршена и сакам да продолжам кон посвето место.
49. Јас сум во таен четирикратен збор, хулење против сите богови на луѓето.
50. Проколни ги! Проколни ги! Проколни ги!
51. Со мојата глава Соколова ги колвам очите Исусови додека виси на крстот.
52. Со крилјата замавнувам по лицето Мухамедово и го ослепувам.
53. Со моите канџите откинувам месо од Индиецот и Будистот, Монголецот и Динот.
54. Баласти! Омпеда! Плукам на вашите незаситни вери.
55. Нека Марија пречиста биде растргната на тркала: заради неа нека сите девствени жени бидат потполно презрени меѓу вас!
56. Исто како и поради убавината и љубовта!
57. Презрете ги исто сите кукавици; професионални војници што не се осмелуваат да се борат, туку си играат; сите будали презрете ги!
58. Но остроумни и горди, кралски и отмени; вие сте браќа!
59. Како браќа борете се!
60. Нема Закон над Прави што ти е волја.
61. Постои крај на зборот од Богот устоличен на тронот на Ра, осветлувајќи ги носачите на душата.
62. Мене поклонувајте ми се! кон мене дојдете низ мака на искушението, што е блаженство.
63. Будалиот ја чита оваа Книга на Законот, и нејзиниот коментар; и не ја разбира.
64. Нека помине низ првото искушение, и ќе му биде како сребро.
65. Низ второто, злато.
66. Низ третото, камења од скапоцената вода.
67. Низ четвртото, последни искри на суштествениот оган.
68. Сепак, таа на сите ќе им изгледа прекрасна. Нејзините непријатели кои не велат така, се обични лажливци.
69. Тоа е успех.
70. Јас сум Сокологлавиот Господ на Тишината и на Силата; мојот немис го прекрива синото ноќно небо.
71. Поздрав! вие близнаци воини, покрај столбовите на светот! Зашто се ближи вашето време.
72. Јас сум Господ на Двојниот Стап на Моќта; стапот на силата на Коф Ниа – но мојата лева рака е празна, зашто здробив Универзум; и ништо останува.
73. Залепи ги листовите од десно кон лево и од врвот кон дното: тогаш погледни!
74. Постои сјај во моето име, скриен и возвишен, како што полноќното сонце е секогаш син.
75. Крајот на зборовите е Зборот Абрахадабра.
Книгата на Законот е Запишана и Скриена.
Аум. Ха.