Теологија на телемата

Свети Телемитски Текстови

Во книгата Светите Книги на Телема се повеќето вдахновени текстови на Кроули; тие се сметаат за канон на Телемитското Свето Писмо. Главната од нив е Liber Al vel Legis, Sub figura CCXX наречена Книга на Законот. Содржината на таа книга е криптична (пишана со тајно писмо) и Кроули подготви бројни коментари за појаснување. Од Телемитите се очекува да ја интерпретираат книгата за себе, со помош на Кроулиевите коментари и другите списи; но не е дозволено да им се наметнуваат своите толкувања на другите луѓе. Уште една книга, што е важен дел од Телемитскиот канон, но од технички причини не е вклучена во Светите Книги на Телема, е Liber XXX Aerum vel Saeculi, Sub figura CDXVIII позната како Визија и Глас. Ји Џингот и Таротот (како книга на мистични слики, а не како средство за претскажување), без оглед што се од предтелемитско потекло, се сметаат за дел од неформален Телемитски канон.

Доктрина и Есенцијални поставки на Телема

Следните забелешки за Телемитската теологија главно се базирани на Кроулиевите списи. Нивната намера не е толкување или коментар на Книгата на Законот вон контекстот на списите од Пророкот, ниту ги претставува дефинитивните Телемитски верувања.

Телемитската теологија смета дека сето манифестирано постоење е плод на интеракција на два космички принципа: бескрајно проширен, сеприсутен Простор-Време Континиум; и атомски, индивидуално искажан Принцип на Живот и Мудрост. Преплетувањето на овие два принципи му овозможува раст на Принципот на Свеста кој владее со Постоењето. Во Книгата на Законот, божествените Принципи се претставени со тројството на древните Египетски Божества: Нуит, Божицата на Бесконечниот Простор; Хадит, Крилестата Змија на Светлината; и Ра Хоор Куит (Хорус), Сокологлавиот Соларен Господ на Космосот.

Телемитската доктрина ги смета божествата на различните култури и религии за отелотворување на специфични божествени, архетипски и космички сили. Разните религии на човештвото се темелат на универзалната вистина и студиите по компаративна религија се важни за повеќето Телемити.

Почитувајќи го концептот на индивидуална душа, Телемата ја следи традиционалната Херметика во доктрината дека секој човек поседува душа или „Светлосно Тело„ поставена во вид на фолии или обвивки околу физичкото тело. Се смета дека секој човек го има својот личен Аугоеидес или Свет Ангел Чувар; тој може да се сфати како Повисоко Себство и како одвоено божествено суштество. Со концептот на живот-по-животот, самиот живот се смета како континуиран, со смртта како интегрален дел на целината. Смртниот живот умира за да може да продолжи пак. Аугоеидесот, сепак е бесмртен и не е подложен на животот или смртта.

Паралелно со Будистичката доктрина, Светлосното Тело се смета за подложно на метемпсихоза или реинкарнација по смртта на телото. Исто се смета дека ова Светлосно Тело еволуира во мудроста, свеста и спиритуалната сила преку циклусот на метемпсихози за луѓето посветени на спиритуалниот напредок; до тој степен што судбината по смртта може да биде определена од Волјата на индивидуата.

Телемата ја вклучува и идејата за циклична еволуција на Културната и Персоналната Свест. Историјата се смета за поделена во серија на Еони, секој со доминантен концепт на божественото и со своја посебна формула на избавување и напредок. Сегашниот е Еон на Хорус. Претходниот Еон е на Озирис, а пред него на Изис. Во неолитскиот Еон на Изида доминира Мајчинската идеа на божественост и неговата формула го вклучува обожувањето на Мајката Земја како благодарност на прехранувањето и заштитата кои Таа ги даваше. Во следниот Еон на Озирис се смета дека доминирал Татковскиот принцип и неговата формула беше саможртвување и покорност кон Таткото Бог. Во сегашниот Еон на Хорус доминира Принципот на Детето, врвна индивидуа; неговата формула е прогрес во свесност и љубов кон самореализација.

Според Телемитската доктрина искажувањето на божествениот закон во Еонот на Хорус е „Прави што ти е волја“.

Овој „Закон на Телема“ како што е наречен не треба да се сфати како дозвола да се спроведува секоја моментална желба, туку како должност да се открие Вистинската Волја или вистинската цел во животот и таа да се исполни; оставајќи ги другите да го прават истото на свој единствен начин. „Прифаќањето“ на Законот на Телема го дефинира Телемитот; откривањето и извршувањето на Вистинската Волја е основна цел на сите Телемити. Постигнувањето на „Знаење и Разговор со Светиот Ангел Чувар“ се смета за интегрален дел од тој процес. Препорачаните методи и пракси во тој процес се многубројни и различни; групирани се под името„Магика“.

Секој Телемит не ги применува сите достапни пракси, туку може да си ги одбере оние пракси кои најповеќе му одговараат на неговите потреби. Некои од тие пракси се исти или слични со праксите користени од многуте поранешни и сегашни религии; како молитва, медитација, проучување на религиски текстови (од Телемата како и од другите религии), пеење, симболични иницијациски ритуали, побожни вежби, самодисциплина итн. Некои од нашите пракси се традиционално поврзани со она што е познато како окултизам; астрологија, дивинација, нумерологија, јога, тантричка алхемија, контакти со ангели или духови. Сите нив Телемитите ги сметаат како потенцијално ефикасни методи за духовен увид во природата на сопственото битие и своето место во Универзумот; и за доаѓање до тој увид преку хармонична еволутивна работа.

Според Телемата секоја акција што не е насочена кон откривање и извршување на Вистинската Волја е „црна магија“. Тоа го вклучува и мешањето во законското право на другата индивидуа да ја открива и спроведува својата Вистинска Волја. Телемитската доктрина смета дека дисхармонијата и нерамнотежата произлезена од таквите акции резултира со компензаторни уедначувачки одговори на универзумот; слично на источниот поим на „Карма“. Во Телемата нема директен пандан на Јудео-Христијанскиот концепт на ѓавол или Сатана; но псевдоперсонификација на конфузија, вознемирување, илузија и себично незнаење е наречено „Хоронзон“.