Сонот на Скипион

Марко Тулиј Цицерон беше најстариот син на еден коњаник и не потекнуваше од благородничка фамилија. Беше роден во 105 п.н.е. и беше погубен од војниците на Антониј во 43 п.н.е. Патот до политичката слава за „новиот човек” (ниеден член од неговата фамилија не држеше магистрат во Рим) се одвиваше преку судството, и на 26 години по темелно грчко и латинско образование Цицерон го бранеше првиот случај. Следната година успешно го бранеше Публиј Секстус Роскиј од фаворитот на диктаторот Сула и помисли дека е најдобро, за време на диктаторството од Сула, да патува заради образование и здравје. На 32 год. bеше избран за квестор на Сицилија и поради неговиот интегритет додека го држеше овој магистрат, наскоро беше избран од сицилијанците да го гони нивниот бивш владетел Верес заради изнудување. Цицерон беше едил во 69 п.н.е., претор урбанус во 66 п.н.е. Во оваа година го поддржа Помпеј за источната команда и оттогаш двајцата имаа нераскинливо пријателство. Цицерон беше конзул во 63 п.н.е.. и го задуши заговорот на Катилина.

Уставот на Сула постапно се менуваше по неговата смрт, и Цицерон полека се здружи со оптиматите против популарите и се обиде коњаниците да ги доведе на негова страна. Можеше да биде член на „Првиот Триумвират” но веројатно претпочиташе постоечките институции да ги вршат тие работи. Во 58 п.н.е беше прогонет од напорите на демагогот Публиј Клодиј но беше повикан повторно следната година. Кога избувна цивилната војна меѓу Цезар и Помпеј, Цицеро се обиде да не се приклонува на ниедна страна, но на крајот се придружи на армијата од Помпеј во Епир. По поразот кај Фарсала, Цицерон, кој не можеше да учествува во битката заради болест, се врати во Италија и бараше прошка од Цезар. Кога Цезар беше убиен 4 години подоцна, Цицерон виде визии за повторно оживување на старата републиканска власт и ги даде неговите жестоки филипики против Антониј; но по коалицијата меѓу Октавиј и Антониј беше затворен од Антониј и убиен од неговиот војници.

За Републиката
Книга VI
SOMNIUM SCIPIONIS (ВИЗИЈАТА НА СКИПИОН)1
Марко Тулиј Цицерон

Кога дојдов во Африка, каде, како што знаете, бев воен трибун на Четвртата Легија, под Конзулот Manius Manilius, ништо не ми изгледаше попожелно од тоа да го запознаам Masinissa, Монарх кој од секогаш бил пријател на моето семејство од праведни причини. Кога му пристапив, стариот човек, гушкајќи ме, липаше, и, по извесна пауза, погледна кон Небото: “Ах, благодарам” рече тој, “пред Тебе кажувам, о највисоко Сонце, и пред вас останатите Небесни придружници, дека пред да заминам од овој живот, ми беше дозволено да го видам во моето сопствено Кралство и под овие сводови П. Корнелиј Скипион, чие име самото ме освежува: зашто, никогаш не заминал од мојата душа споменот за тој најдобар и најнепобедлив Africanus, меѓу луѓето!” Потоа го распрашав во врска со работите во неговото Кралство, а тој ми возврати почитувајќи ја нашата Република; и така денот ни помина во продолжен разговор. По кралската забава нашето зборување повторно се провлече до длабоко во ноќта, кога старецот не зборуваше за ништо друго освен за Скипион постариот (Големиот Африканец): запaмтил сè во врска со него, не само неговите дела, туку дури и неговите изреки. Кога, значи, се разделивме и повлековме на одмор, што од патот, а што од нашата ноќна седенка, бев изморен повеќе од вообичаено и цврсто паднав в сон.
Тогаш (верувам поради предметот на нашиот разговор, зашто често се случува нашите мисли и разговори да произведат сличен резултат во сон на она што Ennius смета дека му се случило во врска со Хомер, за кого се чини бил навикнат да медитира и да разговара за него во текот на будните часови) Африканецот ми се појави во облик што го препознав повеќе од бисти отколку од моето сопствено познавање на самиот човек. Кога го препознав, навистина затреперив: како и да е, тој зборувајќи ми рече, “Биди храбар и избркај го стравот, о Скипионе; запамети сè што имам да ти кажам.”

“Го гледаш ли оној Град, кој, приморан од мене да се предаде на Римјаните, сепак ги обновува своите стари војни, неспособен да остане мирен – овде ми ја покажа Картагина од одредена јасна и блескава точка на небесните височини, полни со ѕвезди – и нападот што се случи, иако беше само момче? Овој Град, две години од сега, ќе го поразиш како Конзул, и тоа наследно име, кое досега го имаш преку нас, ќе ти припадне тебе по сопствени заслуги. Кога дури и ќе ја срамниш Картагина со земја, ќе го исползуваш Триумфот и ќе бидеш поставен за Цензор; тогаш како Легат ќе продолжиш во Египет, Сирија, Азија и Грција, ќе бидеш назначен за Конзул по втор пат во твое отсуство, и преземајќи ја својата најголема војна, ќе ја уништиш Нумантија. Но кога ќе бидеш носен на триумфалната кола кон Капитол, ќе откриеш дека Републиката е фрлена во неред од страна на политиката на мојот внук Тибериј Гракус. Овде, о Африканецу, ќе биде неопходно да и ја покажеш на Татковината светлината на твојот дух, твојот гениј, и твојата мудрост; во овој период од твојот живот нејасно го гледам текот на твојата судбина, иако кога твојата возраст ќе наполни осум по седум кружни враќања на Сонцето, носејќи те така кон фаталниот период од твојот живот преку природниот циклус на овие два броја (од кои секој се смета за совршен, едниот од поинакви причини во однос на другиот); само кон тебе и кон твоето име ќе се сврти Државата; кон тебе, како Сенатор, ќе се свртат сите добри луѓе, сојузници на Латините и самите Латини; ќе бидеш единствениот на кого ќе почива целото спасение на Државата, и, освен ако не уследи несреќа, тебе како на диктатор ти следува цврсто да ја воспоставиш Републиката ако сакаш да ги избегнеш безбожните раце на твоите роднини.” Во овој дел од сказната Лелиј извика а останатите горчливо тагуваа, но Скипион, бавно смешкајќи се, рече: “Ве преколнувам да не ме будите од сонот, бидете мирни за миг, и слушнете го остатокот.”

“Но, о Африканецу, со цел за да бидеш подобро посветен на добробитот на Републиката, имај го ова на ум: зашто за сите оние кои ја штителе, чувале и помагале твојата Татковина, е назначено посебно место на Небото, каде блажените уживаат во вечен живот. Зашто ништо на земјата не е попријатно за она врховно Божество кое владее со целиот Универзум, отколку оние собири и сојузи на луѓе обединети под Закон што ги викаме Држави; бидејќи нивните владетели и бранители потекнуваат од ова место, кон тоа место и се враќаат.”
Во овој миг, иако бев темелно престрашен, не толку поради стравот од смрт, колку поради предавството на моите сопствени роднини, и покрај сè го прашав дали самиот тој навистина е жив, како и мојот татко Павле и други за коишто веруваме дека се мртви.
“Да,” ми рече тој, “сушта вистина, сè уште се живи оние кои проистекле од ропството на телото како од затвор; зашто верно, она што вие го викате живот, е само една форма на смрт! Зошто, зарем не го гледаш татко ти Павле како ти доаѓа?”
На таа слика јас прснав во порој од солзи. Тој, од друга страна, ме прегрна и бакна и ми забрани да липам; и потоа, кога ги потиснав солзите, станав способен да зборам, “Те молам кажи ми,” реков јас, “најпочитуван и најодличен татко: бидејќи ова е живот, како што разбрав од Африканецот, зошто се задржувам на Земјата? Зошто не побрзам да дојдам при вас?”

“Не може така,” одговори тој, “зашто освен ако она Божество кое е Господ на Универзумот што го гледаш, не те ослободи од затворот на твоето тело, ти наваму нема да имаш пристап. Зашто луѓето се родени под овој Закон да бидат верни чувари на онаа Топка која ја гледаш во средината на Универзумот, наречена Земја: и дадена им е Душа од оние вечни огнови што ги нарекувате Ѕвезди и Соѕвездија; тие се сферични и кружни тела, оживотворени со божествени Души, и ги следат нивните циклични орбити со чудесна брзина. Затоа, о Публиј, и од твоја и од страна на сите побожни луѓе, Душата мора да се сочува во надзор на телото: ниту пак без Негова наредба, од оној што ти ја дал Душата, не смееш да заминеш од смртен живот, инаку би се прикажал како недостоен за таа должност на Човештвото која му е припишана од страна на Божеството. Но негувај правда и побожност, о Скипионе, следејќи ги стапките на твојот Дедо и мене, што те зачнав. Овие особини, иако одлични меѓу родители и роднини, стануваат уште поблагородни кога се применуваат кон нечија Држава. Преку овој живот лежи пат до Небото и собирот на оние, кои веќе живееле на земјата, а сега, ослободени од телото, ги населуваат местата што ги гледаш (оваа прикажана сфера со најблескав сјај среде пламените ѕвезди) и која, според Грците, ја викате Млечен Пат. Од ова место сите други тела на изглед ми се прикажаа како прекумерно светли и чудесни. Имаше, дури, такви Ѕвезди кои никогаш не се видени од Земјата; и нивната големина беше толкава како што никогаш не сум ни замислил. Меѓу нив, ја видов најмалата и најоддалечена од Небото и најблиска до Земјата, мислам на нашата луна како сјае со позајмена Светлина. Дури, Ѕвездените сфери далеку ја надминуваа големината на Земјата. Оттука, самата Земја веќе ми се прикажа како мала, така што бев натажен да видам колку мал дел од нејзината површина реално заземаме.

Како што продолжив непоколебливо да гледам, Африканецот продолжи велејќи, “До кога умот ќе ти биде прикован на Земјата? Зарем не гледаш во колку славен Храм си дојден? Сега знај дека Универзумот се состои од девет кругови, или поправо Сфери, сите поврзани заедно, од кои една е небесната, и најдалечна, која опфаќа сè друго, е врховното Божество кое ги чува и владее со останатите. Во оваа сфера се исцртуваат вечните револуции на Ѕвездите и на неа се подредени седумте сфери кои се вртат наназад во спротивна насока од Небесната Сфера. Првата (од овие Седум) ја зазема Ѕвезда која на Земјата е наречена Сатурн. Следна е сферата на онаа раскошна Ѕвезда, благодет и среќа на човечката раса, наречена Јупитер. Потоа доаѓа Црвената Сфера, ужасна за Земјата, која ја викате Марс. Следна под овие сфери, речиси во средината, е поставено Сонцето, Водачот, Поглаварот и Владетелот на
останатите Светлини, умот на Светот и организирачкиот принцип; со таква чудесна големина што го осветлува и исполнува секој дел од Универзумот со својата Светлина. Сферите на Венера и Марс во нивните соодветни патеки го следат Сонцето како придружници. Во најниската Сфера се врти Месечината осветлена од зраците на Сонцето. Под ова не постои ништо што не е предмет на смрт и распад, освен самите Души, кои како подарок од Боговите се дарувани на човечката раса. Над Месечината сите нешта се вечни, но сферата на Земјата, која го зазема средното место и доаѓа како деветта, не се движи: таа е најниската и кон неа сите други гравитираат.”
Кога закрепнав од запрепастеноста при погледот на овие нешта, “Каква,” реков јас, “е оваа слатка и чудесна мелодија која ми ги исполнува ушите?”

“Ова,” рече тој, “е таа хармонија, која, под влијание од мешањето на нееднакви интервали, сепак и покрај сè во хармоничен сооднос и со причина одвоен така, се должи на импулсот и движењето на самите сфери; светлината комбинирана со потешките тонови, разните звуци воедначено одејќи да направат една голема симфонија. Зашто такви движења не можат да се случат бесшумно, и во согласност со природата е што крајностите даваат ниска нота на едниот крај, а висока на другиот. Оттука небесната сфера од фиксните ѕвезди, чие движење во својата патека од ѕвездена светлина е побрзо, дава остар и поттикнувачки звук; најдлабокиот тон е оној на лунарната сфера, кој е најнизок; но Земјата, деветата сфера, останува неподвижна, секогаш прицврстена во најниската положба заземајќи го најниското место од Универзумот. Дури, движењата на оние осум сфери кои се над земјата, во кои спаѓаат Меркур и Венера и чија сила е иста, прават седум звуци со правилни интервали меѓу себе; а тој број е поврзувачкиот принцип на речиси сите живи нешта. Учените луѓе, имитирајќи ја оваа божествена мистерија со жичени инструменти и вокални хармонии, го стекнале за себе правото да се вратат на ова место, исто како и останатите, кои надарени со виша мудрост, ги негувале божествените науки дури и во човечкиот живот.”
“Затнатите уши на луѓето станале глуви за оваа мелодија; ниту пак постои послабо сетило кај вас. Исто како што на она место наречено Катадупа, каде Нил паѓа од големите Планини, луѓето кои живеат таму го загубиле сетилото за слух поради силината на звукот, така и толку е огромната јачина на звукот добиена од брзата револуција на целиот Космос што ушите на луѓето не се способни да ја примат, исто како што не сте во состојба да гледате право во Сонцето,чии зраци ќе ги ослепат очите и победат сетилата. “
Исполнет со чудо од овие нешта, моите очи пак и повторно залутаа кон Земјата.

Овде Африканецот рече: “Гледам дека дури и сега гледаш наназад кон домот и престојувалиштето на смртниците. Но, ако ти се причини мало, како што навистина и е, вака видено, тежнеј секогаш кон овие небесни нешта и лесно вреднувај ги земските. Зашто која слава или признание навистина е вредно да се бара од устите на луѓето? Гледаш дека земјата е населена на расфрлани места органичени со тесни граници, таквите населени предели и самите се дамки на нејзината површина со огромна дивина помеѓу; а оние кои живеат на земјата не само што се вака одделени, така што не е можна комуникација меѓу нив од еден до друг, туку тие заземаат места делумно заоблени, делумно попречни, делумно дури и спротивни на твоето: од нив секако не можеш да се надеваш на слава. Исто така ќе ја забележиш истава земја, каква што е, дека е опкружена и ограничена на зони, од кои две,
најшироко оддалечените и поставени на секој од краевите под самите полови на небото, се ограничени со лед како што гледаш, додека средната и најголема зона е изгорена од топлината на Сонцето. Две зони се населливи, од кои една лежи на Југ, оние што живеат таму положувајќи ги стапките спротивно од твоите, немаат ништо со твојата раса. Што се однесува до другата зона во која сте населени, која е предмет на Северниот ветар, види колку тенок дел има врска со вас: зашто сета површина населена со твојата раса, ограничена кон половите и поширока странично, е само мал остров опкружен со морето, што на земјата го нарекувате Атлантик, Големото Море, или Океан. А сепак, и покрај името, тоа е толку мало како што гледаш. Како тогаш е можно дека од овие познати и култивирани земји ниту твоето име ниту кој било од нас не може да ги помине Кавкаските Планини, кои ги гледаш, или да помине од онаа страна на Ганг? Кој, во останатите делови од Земјата, во најоддалечените региони на скитачкото Сонце, било во Северните или Јужните Клими, ќе го слушне твоето име? Значи, со одземање на овие делови, дали навистина гледаш во колку тесни граници твојата слава бара да се прошири, и колку долго дури и оние кои ти пеат пофалби ќе продолжат да прават така?

“Да, навистина, ако идните генерации бараат да ја продолжат славата на кој било од нас предадена од татко на син, и покрај сè, поради оган и потоп, кој неизбежно ќе се случи во одредени фиксни временски периоди, не сме во состојба да задржиме трајно признание, уште помалку вечна слава. Дури, какво значење имаат нештата кажани за тебе за оние што ќе се родат подоцна, кога ниту еден што постоел порано нема да биде жив? Особено, кога од истите оние луѓе кои треба да дојдат, ниеден нема да може да се сети на настаните од дури една година. Според вообичаениот обичај, луѓето обично ја мерат годината само преку враќањето на сонцето, или, со други зборови, со револуцијата на една ѕвезда. Но кога сите соѕвездија ќе се вратат на почетните положби од кои некогаш започнале, така враќајќи ја на подолги интервали почетната конфигурација на Небесата, тогаш тоа може правилно да се нарече ‘Големата Година,’ а во тој период, тешко се осмелувам да кажам колку генерации на луѓе се содржат. Зашто, исто како во минатото, кога Душата на Ромул влегла во овие свети престојувалишта, Сонцето изгледало како да е изгаснато, така што кога Сонцето повторно ќе падне во истата положба и во истото време, значи, кога Знаците на Зодијакот ќе се вратат на нивната почетна положба, а Ѕвездите ќе се обноват, циклусот на Големата Година ќе биде исполнет; за овој огромен временски период, знај дека не поминал ни дваесеттиот дел од него.

“Затоа, ако очајуваш за брзо враќање во овој крај, каде сите нешта се подготвени за големи и одлични луѓе, од каква вредност е таа човечка слава која едвај може да го издржи најмалиот дел од еден циклус? И така, ако погледнеш нагоре, и го приковаш погледот на оваа држава и твојот вечен дом, нема да се обѕираш на вулгарното зборување, ниту пак ќе дозволиш твоите дејства да бидат под влијание на надежта за човечки награди. Оваа доблест сама по себе ќе те однесе до вистинска слава. Остави им на другите да утврдат што би кажале за тебе: тие сигурно ќе зборуваат за тебе надвор од секое сомнение. Човечката раса е наполно ограничена со овие тесни граници што ги гледаш, и никогаш никој не стекнал бесмртна почест, зашто тоа е невозможно преку уништувањето на луѓето и заборавот на потомството. “

На што јас реков, “Ако навистина, о Африканецу, за оние кои добро заслужиле за својата држава, Патека, како што е, стои отворена на Небото – иако од мојата младост ги следев стапките на тебе и мојот татко, и никогаш не ја потемнев твојата голема слава – сега, и покрај тоа, со ваков потфат пред мене, јас ќе настојувам повнимателно.”

“Настојувај,” рече тој, “со уверувањето дека ти не си подложен на смрт, туку твоето тело. Зашто ти не си овој облик што навидум се чиниш, туку вистинскиот човек е мисловниот принцип на секого – не телесниот облик што може да биде покажан со прст. Знај сега, значи, дека ти си бог, зашто бог е она што има Волја, впечаток, сеќавање, предвидување, и кој така владее, управува, и го движи телото во чија служба е обврзан, исто како што врховното Божество прави со Универзумот, и како што Вечниот Бог го насочува овој Универзум, кој до одреден степен е подложен на распад, таква бесмртна Душа го движи кршливото тело.

“Сега, она што е секогаш во движење мора да е вечно, додека она што само предава движење, и кое самото е придвижено од некоја друга причина, нужно мора да сопре кога побудувачкиот импулс се повлекува. Според тоа само она кое спонтано се движи бидејќи секогаш е наполно свое, никогаш не престанува да се движи, и дури претставува извор за движење на сите нешта. Една првична причина не потекнува од која било друга причина; зашто од тоа потекнуваат сите нешта, а не од друго. Она кое произлегува од нешто друго не може да биде првичната причина, зашто тоа никогаш и немало почеток, ниту пак некогаш ќе има крај. Зашто првичната причина штом еднаш е уништена не може одново да се создаде од кое било друго нешто, ниту пак самата дава што било друго: зашто сите нешта мора нужно да потекнуваат од првичната причина. Овој вечен принцип на сето Движење потекнува од она што се движи по себе и од себе, и значи не може да биде родено или да исчезне; инаку сето небо нужно ќе мора да пропадне, и сета Природа да сопре, неспособна повеќе да го добива импулсот преку кој била придвижена на почетокот.

“Бидејќи, одовде е јасно дека вечно е она што се движи по себе, кој ќе го негира овој вечен принцип како природна особина на Душите. Зашто сè што се движи на надворешен поттик е неживо: но она, од друга страна, кое се поттикнува од внатре е навистина живо, и ова е особено дејство на Душата. Значи ако Душата е едното нешто над сè, кое си е мотив за себе, таа секако не е родена, туку е вечна. Затоа вежбај ја оваа своја Душа во најблагородни потфати: грижа и нега за добробитот на својата држава се најдобри; зашто, оживеана и управувана преку овие чувства, Душата побргу минува во оваа сфера – нејзиниот вистински дом. И ова може да се постигне побрзо ако, додека е заробена во телото, се крева над земските ограничувања, и преку контемплација за оние нешта кои се надвор од телото, се одвои до најголем степен од својот земски храм.

“Зашто Душите на луѓето кои се предале на телесните задоволствата, и кои ропски служејќи му на страсните импулси ги нарушиле законите на Бога и на Човекот, штом ќе се ослободат од телото, се виорат околу светов, и таквите измачени Души нема да се вратат на ова небесно место, освен по многу векови.”

Така доврши и исчезна, а јас се разбудив од мојот сон.

1 [Најсоодветниот превод не би бил ни “сон” ниту “визија” туку луциден (соларен) сон, на што укажува и самиот Кроули во Liber 111 vel Aleph, глава 18 – За Светлосниот Сон – наспроти вообичаениот, т.н. “лунарен” сон, кој има сосем поинаква задача и функција. Заб. Fra.S.]